Претседателот на САД, Доналд Трамп, донесе одлука за целосно и безусловно помилување на повеќе од 70 лица осомничени за вмешаност во обидите за поништување на изборните резултати од 2020 година, соопшти денеска обвинителот за помилувања, Ед Мартин.
Меѓу помилуваните се и еден од највидливите поддржувачи на Трамп, поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, како и уште бројни други кои, според обвинувањата, биле дел од план за организирање алтернативни гласачи („фејк електори“) и за тврдења за изборни измами.
Во официјалното соопштение се наведува:
„Со ова помилување се става крај на тешка национална неправда извршена против американскиот народ по претседателските избори во 2020 година и се продолжува процесот на национално помирување.“
Сепак, во документот е јасно истакнато дека ова помилување не се однесува на претседателот на САД. Во него се наведува: „This pardon does not apply to the President of the United States.“
Планот за кој се обвинуваат помилуваните вклучувал поднесување на лажни листи на гласачи од држави каде што Трамп загубил, меѓу кои и Џорџија, како дел од поширок обид да се задржи на власт по изборите во 2020 година.
Иако федералните обвиненија ја опфаќаат главната рамка на истрагата, експертите предупредуваат дека помилувањето не го решава автоматски прашањето за државните обвиненија кои може да се водат поединечно во различни држави.

