Американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум во Давос изјави дека Соединетите Американски Држави бележат „најбрз и најдраматичен“ економски раст во својата историја, оценувајќи дека економскиот подем на САД има глобално влијание.

„САД се економскиот мотор на светот. Кога Америка цвета, целиот свет цвета, а кога ние не успеваме, сите нè следат“, рече Трамп, додавајќи дека инвестициите и приходите во земјата „експлодирале“, додека инфлацијата значително се намалила.

Во говорот, американскиот претседател упати критики и кон Европа, оценувајќи дека многу европски држави повеќе „не можат да се препознаат“ поради, како што рече, неконтролирана имиграција и прекумерен увоз.
„Ја сакам Европа, но мислам дека оди во лоша насока“, изјави Трамп.

Тој најави дополнително намалување на даноците во САД, како и зголемување на царините за увоз од странски земји, наведувајќи дека тоа е неопходна мерка за да се поправи штетата што, според него, одредени држави ја нанеле на американската економија.

Посебен дел од говорот беше посветен на Гренланд, при што Трамп предложи итен почеток на преговори за купување на територијата. Тој нагласи дека САД сакаат „силни, а не слаби сојузници“ и увери дека нема намера да користи сила, иако, како што рече, Америка би можела лесно да ја окупира територијата.

Трамп ги пофали граѓаните на Гренланд и Данска и потсети на настаните од Втората светска војна, истакнувајќи дека САД одиграле клучна улога во одбраната на Гренланд.

Во заклучокот на своето обраќање, американскиот претседател ја нагласи улогата на САД како водечки економски и стратешки фактор во светот, повторно критикувајќи ја насоката во која, според него, се движи Европа. Тој предупреди на „исчезнување на цивилизацијата“ доколку актуелните политики не се корегираат.

Трамп, исто така, оцени дека доколку неговите политички противници Камала Харис или Џозеф Бајден биле на власт, војната во Украина можела да ескалира во Трета светска војна.

Exit mobile version