Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека во „не толку далечна иднина“ ќе разговара со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, среде засилените шпекулации за можен американски напад врз оваа латиноамериканска земја.
Трамп одби да ги открие деталите за претстојниот разговор, но нагласи дека има „нешто многу конкретно да каже“, повторувајќи ги обвинувањата за трговија со дрога против венецуелскиот лидер.
Тензиите меѓу двете земји ескалираа откако во август САД наредија воено распоредување на Карибите. Според податоците, американската војска досега извела 21 напад врз бродови наводно натоварени со дрога, при што загинале 83 лица. Трамп сигнализираше дека цел на нападите може да бидат и копнени мети во Венецуела.
Мадуро веднаш реагираше со предупредување до Трамп.
„Сакаат претседателот Трамп да ја направи најсериозната грешка во целиот свој живот и воено да ѝ се спротивстави на Венецуела, што би бил политички крај на неговото лидерство и име… Оваа провокација доаѓа од неговите противници и познати непријатели, но и од луѓето околу него кои прават калкулации за пост-Трамп ерата“, изјави Мадуро.

