Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, беше гостин во емисијата Топ тема на телевизија Телма, каде говореше на повеќе теми, меѓу кои и темата за Изборниот законик, за што истакна дека целта на работната група, во која има претставници од сите политички партии, а се одвива во рамки на Министерството за правда е да се има подобар изборен модел како и подобар изборен закон.
,,Од стручен аспект, како политиколог, сакам да кажам дека не постои идеален изборен модел, така да не постои идеален изборен законик и секоја држава во зависност од својот историски развој определува кој е најдобриот изборен модел во тој период“, истакна Пренџов.
Тој вели дека дали ќе има нов изборен законик или само измени ќе зависи од обемот на промените, односно дали тие ќе надминат една третина од постојниот закон.
,,Изборниот модел е техника за избор на пратеници на градоначалници, советници и Претседател на државата. Она кое што е добро е тоа што на речиси на две години до следните парламентарни избори, се разговара на темата на нов изборен законик, дали ќе биде нов или ќе бидат измени во Изборниот законик зависи од тоа дали ќе се промени повеќе од 1/3 или ќе се промени помалку од 1/3, ако е помалку тогаш има измени и дополнувања, доколку е повеќе, тогаш одиме со нов изборен законик“, кажа Пренџов.
Пренџов потенцираше дека под успех од она кое што го имаат како брифинзи од работната група, за изборниот законик и за процентот на измени во изборниот законик се подразбира, како што вели тој, за колку работи политичките партии имаат консезнус.
,,Влегуваме со добра волја, со позитивна енергија, се со цел да имаме еден подобар изборен модел, подобар изборен закон, да ги слушнеме сите мислења, и за прв пат после многу долгу време, не се прави во очи на некои избори, туку се прави, народски кажано, натенане, на две години пред изборите, дека тоа е работна група од која што има од сите политички партии, со која што претседава министерот за правда, се одвива во рамки на Министерството за правда. Треба да му дадеме шанса и на крајот да видеме што ќе се случи со истиот“, рече Пренџов.


