За време на своето последно обраќање за состојбата на нацијата, американскиот претседател Доналд Трамп направи кратка пауза од политичките теми за да ѝ оддаде јавно признание на својата сопруга, Меланија Трамп. Тој пред Конгресот ја опиша првата дама како вистинска „филмска ѕвезда“, нагласувајќи дека нејзиното влијание во јавноста е огромно.
Трамп во свој стил се пошегува на сметка на сопствениот политички рејтинг, споредувајќи го со оној на Меланија.
„Тоа е навистина голема работа – и таа има силна поддршка од двете страни. Таа добива многу поголема поддршка од мене. Јас немам никаква, а таа добива голема. Еден ден ќе мора да ми кажеш како го правиш тоа“, изјави Трамп низ насмевка.
Претседателот особено го истакна нејзиниот ангажман за младите, нагласувајќи дека преку нејзините иницијативи се обезбедени 30 милиони долари за поддршка на децата кои излегуваат од системот на згрижувачки семејства. Трамп не пропушти да го спомене и нејзиниот нов филмски проект, тврдејќи дека салите се преполни и дека филмот е „број еден“ по гледаност.

