Американскиот претседател Доналд Трамп преку својата социјална мрежа „Truth Social“ упати серија остри пораки и тврдења, наведувајќи дека Иран бил принуден на повлекување по жестоките напади од САД и Израел. Според него, Техеран веќе им се извинил на своите соседи на Блискиот Исток со ветување дека нема повторно да ги нападне.

„Ова ветување е дадено само поради континуираните напади на САД и Израел,“ напиша Трамп, додавајќи дека Иран, кој претходно се обидувал да ја преземе контролата врз регионот, сега за прв пат во историјата е поразен од соседните земји.

Најава за нови цели и „целосно уништување“

Трамп во својата објава не штедеше зборови, нарекувајќи го Иран поранешен „насилник на Блискиот Исток“, кој сега станал „губитник во регионот“. Тој упати и директна закана за проширување на воените дејствија:

„Поради лошото однесување на Иран, сериозно се разгледува целосно уништување на одредени области и групи кои до овој момент не се сметаа за цели,“ дециден е Трамп.

Контрадикторни пораки од Техеран

Оваа реторика доаѓа по изјавата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој претходно нагласи дека Техеран одлучил да ги прекине нападите врз соседите, освен ако тие не дозволат напади врз Иран од нивна територија.

Сепак, тензиите остануваат на врвот, бидејќи Иранската револуционерна гарда (ИРГК) возврати со предупредување: сите американски и израелски воени бази и интереси во регионот се сметаат за примарни цели доколку нападите врз Иран продолжат.

Exit mobile version