Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро понудил преференцијален пристап до ресурсите на неговата земја за да го смири американскиот воен притисок на Карибите, нагласувајќи дека Мадуро го прави тоа затоа што не сака конфликт со САД.

„Тој понуди сè што можеше, знаете зошто? Затоа што не сака да се зае*ава со САД“, рече Трамп, користејќи остри зборови за да ја нагласи сериозноста на ситуацијата, според Си-Ен-Ен.

Овие изјави доаѓаат во време кога тензиите со Вашингтон растат, бидејќи Трамп, како што објаснуваат медиумите, сè повеќе сигнализира за можност за воен притисок за отстранување на Мадуро од власт.

Минатата недела, „Њујорк тајмс“ објави дека венецуелските претставници контактирале со американската администрација нудејќи им доминантна улога во нафтата и природните ресурси, според извори блиски до преговорите.

Во исто време, кога новинарите го прашале за учеството на Шпанија во НАТО, Трамп во Белата куќа повторил дека е незадоволен од придонесот на Шпанија во воениот сојуз.

„Шпанија не ја исполнила својата обврска, не е лојална кон НАТО“, нагласил американскиот претседател.

Тој додаде дека верува оти Шпанија треба да биде критикувана за ова, но дека ова е прашање за НАТО и Шпанија. Трамп постојано ја критикуваше Шпанија за тоа што не ја спроведува целта земјите од НАТО да трошат најмалку пет проценти од БДП за одбрана, а минатата недела американскиот претседател се закани дека ќе ја исклучи земјата од Алијансата.

Exit mobile version