Tрамп ги исклучи телефоните и компјутерите од одлуката за царините
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одлучи реципрочните царини, вклучително и тарифите од 125 отсто за увоз од Кина, да не важат за паметните телефони и компјутерите.
Царината на САД доцна во петокот објави дека оваа стока ќе биде ослободена од одлуката на Трамп за воведување царини од 10 отсто за увоз од повеќето земји и одлуката за воведување многу повисоки царини за кинеските производи, пренесе „Би-би-си“.
Американските технолошки компании беа загрижени дека цената на технолошките производи може вртоглаво да порасне, бидејќи повеќето од нив се произведени во Кина.
Електронските уреди и компоненти, вклучително и полупроводници, соларни ќелии и мемориски картички, исто така ќе бидат ослободени од тарифите.
Според претходните проценки, цената на „ајфонот“ и другите електронски стоки би можеле да пораснат и до три пати доколку трошоците за царина се префрлат на клиентите.
„Последниот потег на Трамп отстрани огромен црн облак што се надвисна над технолошкиот сектор и притисокот со кој се соочуваат големите американски технолошки компании“, изјави финансискиот аналитичар Ден Ајвс, пренесе агенцијата АП.
„Епл“ продаде повеќе од половина од паметните телефони во Америка минатата година, според „Каунтерпоинт рисрч“, кој го следи технолошкиот пазар.
Податоците покажуваат и дека 80 отсто од „ајфон“ телефоните на „Епл“, наменети за американскиот пазар, биле произведени во Кина, а останатите 20 отсто во Индија.
Заедно со другите големи компании кои произведуваат паметни телефони, како што е „Самсунг“, „Епл“ во изминатите години се обиде да најде други добавувачи за да не зависи од Кина.
Така, Индија и Виетнам станаа важни производствени центри.
„Епл“ во последните денови се обиде да го забрза и зголеми производството во Индија.
Трамп во средата ненадејно ја промени својата одлука, најавувајќи 90-дневна пауза за тарифите кои беа најмногу зголемени, но дека тоа нема да важи за Кина, за која ги зголеми царините на 145 отсто.
Зголемувањето доаѓа по одлуката на Кина да возврати со царини од 84 отсто за американските стоки.
Трамп рече дека сите земји што не возвратиле на американските царини ќе добијат одложување и ќе се соочат само со општи американски тарифи од 10 проценти до јули.
Белата куќа тогаш рече дека потегот е преговарачка тактика за постигнување подобри трговски услови.
Тарифите ќе бидат одговор на неправдата во светскиот трговски поредок и ќе донесат работни места и фабрики во Америка, рече Трамп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа