Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков, денес се обрати на отворањето на Меѓународната конференција „Between Accession and Ambiguity: The Western Balkans and the European Project“, која се одржува на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.

Во своето обраќање, Трајков истакна дека европската интеграција претставува многу повеќе од формален процес на усогласување со европското законодавство, туку сеопфатна трансформација на институциите, економијата и општеството.

„Европската иднина на Македонија останува наш стратешки приоритет. Нашата цел е да изградиме модерна, дигитално развиена и конкурентна држава која ќе обезбеди подобри можности за сите граѓани, особено за младите“, истакна Трајков.

Заменик-министерката за европски прашања ја нагласи важноста на академската заедница во процесот на европска интеграција и ја поздрави улогата на универзитетите во промовирањето на европските вредности, критичката мисла и научно-истражувачката работа.

На конференцијата учествуваат истакнати професори, истражувачи и експерти од земјата и регионот кои ќе дискутираат за европските интеграции, владеењето на правото, дигиталната трансформација, образованието и економскиот развој на Западен Балкан.

Exit mobile version