Трагичната приказна за Британката што почина во Белград: врсниците ја малтретирале, се надевала на подобар живот
Сè што сакаше беше да им се допадне на другите и да биде прифатена во општеството. Таа со години била жртва на врсничко насилство и решила да му стави крај – дваесетгодишната Британка Морган Рибеиро отишла на операција за намалување на стомакот во Турција и починала во Белград поради компликации.
Според семејните сведоштва, Морган била многу малтретирана додека растела и секогаш се борела со килограмите. Имала навистина тешко време, раскажува мајка ѝ Ерин Гибсон.
„Јас ѝ кажав дека е убава и однатре и однадвор, навистина беше убава девојка“, продолжува таа и додава дека не ни знаела за предметната операција.
Морган замина во Турција со своето момче Џејмс Брустер на операција на стомакот, која ја чинеше 2.500 фунти, што е речиси 3.000 евра.
Пред интервенцијата, Морган имаше виртуелна консултација во септември 2023 година по што операцијата беше закажана за почетокот на 2024 година.
Постапката била спроведена на 5 јануари, а три дена подоцна Морган добила дозвола да лета дома со своето момче Џејмс Брустер (19), но при нивното враќање за Гетвик, Морган тешко се разболела и доживеала септичен шок.
Откога авионот принудно слетал во Србија, се утврдило дека тенкото црево ѝ било исечено при стомачна процедура, што довело до инфекција.
За време на операцијата, хирурзите ѝ извадиле над 10 сантиметри од тенкото црево, но Морган доживеала срцев удар на 9 јануари и била ставена во индуцирана кома. И покрај напорите на лекарите, таа починала четири дена подоцна во болница во Белград.
Нејзиното семејство вели дека дознале за планираната операција само неколку дена пред таа да одлета и биле загрижени за ризиците.
Сестра ѝ, 26-годишната Кајли Рибеиро, ја молела да не оди на операција, која носи голем број комплицирани здравствени ризици.
Мајката Ерин сега собира 10.000 фунти за да го пренесе нејзиното тело и јавно проговори за својата тага.
Ерин ја осуди клиниката за пластична хирургија бидејќи ќерка ѝ била пуштена од болницата во Истанбул само три дена по неуспешната операција.
„Ниту една мајка не треба да ја преживее болката поради губењето на детето. Беше убава девојка, и однатре и однадвор. Таа ја закажа таа операција без мое знаење. Никогаш не би ѝ дозволила да се оперира. Платила 2.500 фунти на фирма во Швајцарија, но операцијата е направена во Турција“, вели мајката.
Рекла дека гореспоменатата клиника ѝ ги зела парите и ја оставиле да умре.
„Тие луѓе треба да бидат запрени. На младите им продаваат само соништа, а која е целта на сето ова? За младите да се приспособат на притисоците од општеството“, истакнува Ерин.
Таа вели дека не знаела за операцијата бидејќи односите меѓу неа и ќерка ѝ биле заладени во последните месеци.
„Ние сме отуѓени во последните шест месеци, токму во времето кога таа истражуваше за операција на гастричен бајпас. Да знаев, ќе ѝ кажев за ризиците. Доцна дознав дека отишла на операција“, рече таа и додаде дека лекарите во Србија биле одлични.
Српското Обвинителство и британските власти поведоа истрага за смртта на Морган, додава таа.
Нејзиното момче Џејмс тврди дека болничкиот персонал и преведувачите што разговарале со неа не ги спомнале опасностите од операцијата на желудникот. Авиокомпанијата со која летала Морган известила дека стјуардесите рекле оти Морган има висока температура и има силни болки.
Стјуардесата ѝ дала мраз и вода и рекла дека тешко дишела, па ја однеле до предниот дел на авионот, каде што имало повеќе седишта, се обиделе да ја спасат и со маска за кислород, раскажува таа.
Бројот на Британци на кои им е потребна хоспитализација по естетска хирургија во странство е двојно зголемен во последните три години поради популарноста на естетските клиники во Турција, а особено примамливи се ниските цени на зафатот, пренесуваат медиумите.
Британската асоцијација на естетските пластични хирурзи (BAAPS) открива дека од 2018 година на 324 Британци им била потребна хоспитализација по операциите во странство.
Според здружението и написите во регионалните медиуми, Турција била најголемиот извор на неуспешни операции, а потоа следуваат Чешка и Литванија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа