Трагично заврши четиридневната потрага по осумгодишното дете кое исчезна во реката Драва во Хрватска. Спасувачките екипи денеска го пронајдоа неговото тело на околу два километри од местото каде што последен пат било видено.
Според информациите од хрватската полиција, телото било лоцирано во попладневните часови во близина на Селница Подравска, во општина Леград.
Во опсежната потрага изминатите денови беа вклучени голем број полициски службеници, припадници на Хрватската планинска служба за спасување (ХГСС), нуркачи, пожарникари, како и локално население. Во акцијата учествуваа и специјализирани екипи од соседните окрузи Вараждин и Меѓимурје.
По наредба на надлежното јавно обвинителство, веднаш се започнати истражни дејствија на терен со цел да се утврдат сите околности под кои дошло до несреќата.
Според официјалните податоци од градоначалникот на Леград, Иван Саболиќ, детето исчезнало во дел од реката Драва кој не е уреден како официјално капалиште.
Неофицијалните информации од истрагата наведуваат дека детето било заедно со својот брат, а во еден момент влегло во водата по што веднаш исчезнало во речното корито.
Поради овој настан кој ја потресе локалната заедница, надлежните институции упатија апел до граѓаните за зголемена претпазливост при престој покрај реки и езера, особено на места кои не се предвидени за капење.


