Британскиот боксер и поранешен светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, е повреден во тешка сообраќајна несреќа што се случила во нигериската сојузна држава Огун, во која, според официјалните информации, загинале две лица.

Како што соопшти локалната полиција, 36-годишниот Џошуа поминал со полесни повреди откако возилото во кое се наоѓал се судрило со друго возило. Причините за несреќата сè уште се предмет на истрага.

На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеоснимки од местото на несреќата, на кои Џошуа може да се види како седи на задното седиште од автомобилот, без маица, додека околу него се забележуваат остатоци од скршено стакло.

Според извештаите на локалните медиуми, боксерот во моментот на несреќата се наоѓал на задното седиште, кога возилото удрило во паркиран камион. Џошуа има семејни корени од градот Сагаму, кој се наоѓа токму во сојузната држава Огун, во југозападниот дел на Нигерија.

Exit mobile version