Педесет и шестгодишниот Горан Комазец од Белград трагично го загуби животот во грчкото туристичко место Сарти на Халкидики, откако влегол во морето за да спаси друго лице од силните морски струи.

Според неофицијалните информации што ги пренесуваат српските медиуми, тој забележал дека морската струја брзо оддалечува маж од брегот и без двоумење влегол во водата да му помогне, а по него тргнал и неговиот малолетен син.

Се претпоставува дека наглото влегување во студената вода кај 56-годишникот предизвикало срцев застој.

Иако брзо бил извлечен од морето и пренесен во болница, лекарите не успеале да го реанимираат и констатирале смрт.

Засега нема официјални информации за здравствената состојба на лицето кое се давело и коe Горан се обидувал да го спаси.

За трагичниот настан во Грција веќе е известен и Генералниот конзулат на Србија во Солун.

Exit mobile version