Млад работник од Струга почина синоќа по тешка несреќа на работното место во кантонот Гларус, Швајцарија. Според информациите од локалната полиција, инцидентот се случил околу 23:00 часот додека 25-годишното момче извршувало работни задачи.
Несреќата се случила при чистење на машина која била во функција, при што работникот бил зафатен од запчаниците на механизмот. Тој се здобил со фатални повреди во предел на главата и рамената. Иако со хеликоптер бил итно пренесен во најблиската болница, лекарите не успеале да го спасат и тој им подлегнал на повредите.
Обвинителството на кантонот Гларус веќе отвори истрага за да се утврдат прецизните околности под кои се случила оваа трагедија. Порталот „Струга Експрес“ потврди дека станува збор за македонски државјанин по потекло од Струга.

