Тотална војна: Хезболах стрела со ракети во центарот на МОСАД во Тел Авив
Либанската проиранска група, Хезболах, рано утринава лансираше ракета кон Тел Авив насочена кон седиштето на израелската разузнавачка служба Мосад, но проектилот беше пресретнат, соопшти израелската војска (ИДФ). Истовремено, израелската армија гаѓаше цели во јужен и источен Либан, што е трет ден по ред како ИДФ гаѓа цели во Либан, пишува Тајмс оф Израел.
Хезболах лансираше проектил кон Тел Авив во 6:29 часот, јавуваат медиумите од Израел, повикувајќи се на извори кои тврдат дека нападот бил симболично лансиран во тој момент бидејќи во 6:29 часот започнал и нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври минатата година, по што почнала војната во Газа што продолжува.
Сирените рано утринава се огласија во Тел Авив и во другите градови на Израел, а веднаш потоа одговорноста за нападот ја презеде Хезболах, наведувајќи дека истрелала балистичка ракета „Кадер 1“ кон седиштето на Мосад, во близина на Тел Авив. Тие додаваат дека станува збор за одмазда за израелските напади во текот на минатата недела кога пејџерите користени од Хезболах, а потоа и уредите воки-токи, експлодираа низ цел Либан. Во тие напади беа ранети илјадници цивили, но беа убиени и некои од највисоките команданти на Хезболах.
Хезболах првпат гаѓа цели толку длабоко во израелската територија од почетокот на серијата меѓусебни напади, а ИДФ им наложи на жителите да влезат во засолништа за бомби.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа