Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска алармираше дека еден од најголемите предизвици во борбата против семејното насилство е повлекувањето на изјавите од страна на жртвите. Пред почетокот на тркалезната маса посветена на заштита на жените, тој нагласи дека жртвите не смеат да се обвинуваат за ова, бидејќи најчесто се под директен притисок на насилникот.
Тошковски најави дека институциите мора да најдат начин за поефикасна координација во рамките на постојната регулатива.
„Мораме да најдеме решение 24/7 системот да одговори не само од аспект на МВР, туку и преку центрите за социјални работи, Обвинителството и Судот. Првичната тема што ја отвораме е како максимално брзо да се изолира насилникот од домот, без оглед на сопственоста, за да се заштити семејството, а особено децата“, изјави Тошковски.
Министерот упати апел и до секој граѓанин да пријавува доколку забележи потенцијално насилство, уверувајќи дека полицијата ќе даде максимум за спречување на трагедиите.

