Тошковски: Заштита и подигнувањето на достоинството на полицискиот службеник е пат до професионална полиција


Денеска во Охрид, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги отвори 22-те по ред Синдикални спортски игри, во организација на Македонскиот полициски синдикат, на кои присуствуваат претседателот на МПС Зоран Кузмановски, претседателот на Советот на Европски полициски синдикати, Рикардо Валадас, директори на агенции и институции, професори и вработени во МВР. Синдикалните игри се традиционален меѓународен спортски синдикален настан, на кој претставници од 15 полициски синдикати од земји од регионов и од Европа, во седум спортски дисциплини, ќе ги прикажат своите вештини и знаења.

Во рамките на манифестацијата се одржа и панел дискусија „Кривично-правна и прекршочна заштита на вработените во МВР, АНБ, АР и УФП“ на која министерот Тошковски потенцираше дека полицискиот службеник е основната безбедносна клетка на една држава.

„Потребата од поголема заштита на полициските службеници, соодветно нивно место во рамки на општеството, подигнување на достоинството на полицискиот службеник во рамки на државата се клучни аспекти кои треба да ги развиваме, доколку сакаме да имаме полициски службеник на соодветно професионално ниво, којшто се чувствува заштитен во рамки на системот.“, нагласи министерот Тошковски.

Министерот Тошковски имаше и средба со претседателот на Советот на Европски полициски синдикати, Рикардо Валадас, на која што разговараа за воспоставување и имплементирање на најдобрите европски практики во полициското работење и заштита на полициските службеници.

13.09.2024 - 16:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега