Заштитата и одржувањето на водоводната инфраструктура во државата се исклучива обврска на надлежните општински институции и комунални претпријатија, а не задача на полицијата или Армијата. Ова денеска на прес-конференција во Центарот за управување со кризи го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, отфрлајќи ги предлозите на опозицијата за ангажирање на армиски сили.

Шефот на МВР и претседавач со Управувачкиот комитет за кризи појасни дека Армијата нема уставна ниту законска улога во обезбедување комунални системи во мирнодопски услови.

Тој алармира дека наместо да се бара воена помош, секоја установа мора строго да ги почитува прописите и законските обврски за контрола и заштита на мрежата.

Министерот Тошковски даде прецизен одговор на барањата за вклучување на војската:

„-Дали лично сметам дека војската треба да ги обезбедува водоводните системи? Не, не сметам. Тоа не е работа на Министерството за одбрана и не е работа на Армијата, барем не во мирнодопски услови. Така што секоја институција што е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамките на општините е должна да ги преземе сите законски ингеренции утврдени со регулативата. Сметам дека, доколку секој си ја работи работата што му е утврдена со законските и подзаконските акти, не би требало да имаме вакви проблеми – истакна Тошковски.“

Осврнувајќи се на политичките реакции и обвинувања изминативе денови, Тошковски упати директна порака до опозициските редови да прекинат со ширење паника меѓу населението.

Тој советува фокусот да се пренасочи кон конструктивни активности:

„-А на опозицијата би ѝ препорачал, наместо да ја зоврива атмосферата кај граѓаните, наместо да предизвикува хистерија и да се насочува кон уривање на сè што е видливо за граѓаните, а тоа е дека оваа Влада навистина прави максимум со она што го затекна, да се фокусира на доброто на граѓаните – но искрено, не со хистерија. Зошто? Затоа што дали на вонредни избори, дали на редовни, граѓаните се мудри, гледаат што се случува и ќе ги остават таму каде што се моментално уште многу години, ако продолжат вака. Тоа е еден добронамерен совет од мене до опозицијата – рече Тошковски.“

Запрашан за полициското присуство на терен, министерот потврди дека полицајците се активни, но подвлече дека нивна примарна дејност не е чување на цевководи.

Тој ја посочи децениската негрижа како главен причинител за моменталните кризи во комуналниот сектор:

„-Дали треба да бидат присутни на терен? Да, и се присутни. Дали полициските службеници треба да ги обезбедуваат водоводните мрежи низ државата? Не. Тоа е надлежност на други институции и тие се должни, повторно ќе кажам, да ги преземат своите законски надлежности и да постапуваат во рамките на регулативата што им е утврдена – изјави министерот.“

„-Тоа е факт. Поради тоа сме во состојбата во која сме моментално. Но, факт е и дека секогаш ќе има предизвици пред нас и секогаш ќе треба да најдеме најсоодветен начин за да одговориме на највисоко професионално ниво на сите проблеми што ќе се појават – изјави Тошковски.“

Во однос на проширувањето на истрагата за загадувањето во Гостивар, Тошковски потенцираше дека полицијата континуирано постапува по сите насоки добиени од Обвинителството и јавноста благовремено ќе биде известена за сите нови моменти.

Exit mobile version