Тошковски сподели дел од своите сознанија: Шверцуваните мобилни телефони се развиваат во интересен случај
Шверцуваните мобилни телефони ќе се развијат во интересен случај, смета Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој сподели дел од своите сознанија.
Факт е дека пред некој ден – минатата недела, имаше интересна акција спроведена од СВР Скопје, во делот на борба против трговија со дрога, при што беше откриена поголема пратка на одредена техничка роба – мобилни телефони. Станува збор за пратка од огроемен број на мобилни телефони, вредни огромна сума, којашто, според инфромациите што ги имам, не соодветствува со документацијата што треба да ја има Царината. Притоа, причинета е огромна штета по буџетот на Македонија“, вели Тошковски.
Министерот информира дека веќе има отвoрено постапка за овој случај и дека процесот го води Обвинителството. Тој коментира дека досега нема ниту еден уапсен, но дека се надева оти во брзо ќе видиме и приведување на некој осомничен.
Факт е дека огромен пропуст е сторен од страна на царинските служби. Дали било со умисла, дали бил од небрежност – тоа ќе покаже истрагата. Таму си постапува јавен обвинител, Министерството и сите други надлежни органи постапуваат по негова координација и се надевам дека во многу брзо време, за оние коишто го терале овој процес – подолг временски период, според информациите што ги имам, ќе се преземат соодветни мерки. А, притоа, буџетот на Македонија нема да биде оштетуван ни во иднина“, вели Тошковски.
Тој додава дека првичните информации покажуваат дека сумата со која е оштетен Буџетот е позамашна, како и дека бројот на откриени телефони што се споменува, од информациите што ги добива, е преголем за потребите на Македонија.
Од таа причина, Тошковски упатува јавно прашање која била целта на влезот на толква количина на мобилни телефони во државата и дали тие потоа стануваат дел од поголем шверц.
Овој случај ќе се развива во иднина. Се постапува по наредба од јавен обвинител и мислам дека овој случај ќе води до доста интересни прекршувања на закони, интересни бројки и интересни оштетувања на буџетот“, вели Тошковски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа