Тошковски се пофали со резултатите на МВР: Повеќе од 6% намален криминалот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денес во Домот на културата „Билјана Беличанец“, пред премиерот Мицковски, други министри, раководството на министерството, медиумите и граѓаните ги презентираше резултати од работењето на министерството за внатрешни работи.
Под мотото „Доследност во делото, визија за напредок“, Тошковски потенцираше дека уште од првиот ден од преземањето на одговорноста, максимално посветено, професионално и транспарентно се ангажиравме во решавањето на затекнатите ситуации.
„Наследивме хаос и неефикасност, револтирани граѓани, корумпираност во нашите редови. Ги идентификувавме пропустите и веднаш презедовме мерки со кои ја вративме довербата на граѓаните со ставање крај на хаосот во издавањето на лични документи. Реконструкцијата на управните служби во МТВ, која ќе ја зголеми достапноста на услугите за жителите на главниот град. Набавивме нова машина за печатење документи, која тројно ќе го зголеми капацитетот за изработка на лични документи. Нема повеќе гужви, нема нарушување на достоинството на граѓаните.
Продолжуваме со унапредување и модернизацијата на услугите за побрзи и поефикасни решенија за граѓаните.“, потенцираше Тошковски.
Министерот Тошковски зборуваше за модернизацијата, дигитализацијата на процесите и услугите која се имплементира во министерството, резултатите на одделни сектори и полициски единици, унапредувањето на регионалната и меѓународна полициска соработка, за на крај преку бројки да ги илустрира резултатите во борбата со криминалот и корупцијата со МВР засилено се бори со сиот свој капацитет.
„Со професионален, чесен и одговорен пристап и посветеност, достигнавме значајни резултати. За 6,5 % е намален вкупниот криминалитет со постигната вкупна ефикасност од 63.5%. Забележуваме позитивен тренд од 50% при сузбивање на организираните криминални групи. Имаме значајни резултати во борбата со недозволената трговија со дрога. Досега сузбиени 8 криминални групи и една терористичка ќелија. Борбата против криминалот и одржувањето на безбедноста и сигурноста на граѓаните се наши клучни приоритети. “, истакна министерот Тошковски,
Тошковски уште еднаш ги истакна најпознатите случаи кои ги реши полицијата кои во овој период беа во фокусот на јавноста.
„Случај „SKY“, криминалниот клан „Беланоца/Барон“, случај „Адитиви“ со кривична пријава за 23 лица, случај „Државна лотарија“, случај „Кипер“, случај „Ескорт', случај „Ланец“, случај „Бункер“, сузбиена терористичка ќелија, врховен судија во затвор и член на совет за јавни обвинители со правосилна пресуда, во рок од една недела сузбиена организирана група на цариници и друга криминална група. Ова се само дел од акциите кои во период од неколку месеца ги сработивме што е темно кое ја покажува нашата посветеност дека правната држава мора да проработи а криминалот во никаков свој вид не се исплатува. МВР е тука да ја осигура безбедноста на сите свои граѓани и да функционираат владеењето на законите и правото.“, дециден беше министерот Тошковски.
Тошковски ги подвлече и плановите за реформи, модернизација и и опремување на полицијата со сите видови нови потреби од униформи, преку возила до техничко-технолошки модерни алатки со кои ќе градиме силна, модерна и европска полиција која ќе ја гарантира безбедноста на секој свој граѓанин како основа за напредокот и благосостојбата на државата и општеството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа