Тошковски: Отворен нов регионален К9 центар за обука и сертификација

 


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Полицискиот центар Ѓорче Петров се обрати на отворањето на регионалниот К9 центар за обука и сертификација.

Отворањето на овој центар е една од најзначајните активности во рамките на проектот „Поддршка на националните власти на РСМ во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, проект што се имплементира со поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Министерот Тошковски на почетокот ја потенцираше одличната соработка помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи, која е од огромно значење за развивање и спроведување на политиките за современ систем на безбедност.

„Овој регионален центар е многу значаен за Македонија, како од аспект на стратешко делување во рамки на министерството така од аспект и на оперативно делување на полицијата. Со овој комплекс реално ќе се зголеми капацитетот и на спроведување на голем број полициски активности кои се изведуваат со употреба на кучиња. Соработката којашто ја имаме со ОБСЕ е круцијална во подобрување на капацитетите на министерството  во сите аспекти и преку големиот број заеднички проекти тој капацитет постојано се унапредува,“, нагласи министерот Тошковски.

Министерот Тошковски истакна дека во претходните фази на овој проект е пренесено значително знаење и опрема кон министерството, како специјализирани возила и приколки наменети за  службени кучиња, опрема за обука, возила и специјална опрема за деактивирање на огнено оружје, машина за маркирање и сертификати за деактивација на огнено оружје, како и изготвените документи за оперативни процедури, прирачници,  упатства и медиумски кампањи.

„Преку великодушната финансиска поддршка од донаторската заедница, а особено од САД, Германија, Европската Унија, Франција, Белгија, Норвешка и Словачка, Проектот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за МАСО ја покажува нашата силна посветеност кон зајакнување на оперативните и капацитетите за детекција на оружје на полициската единица за кучиња трагачи. Мисијата на ОБСЕ е посветена на континуирана професионализација и развој на полициските единици за кучиња трагачи, фокусирајќи се на детекција на мало и лесно оружје”, рече Сусан Пенкса, заменик-амбасадорка на ОБСЕ Мисијата во Скопје.

30.09.2024 - 13:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега