По пауза од речиси три децении, денеска официјално почна со работа државното Средно полициско училиште „7 Мај“, во кое се запишани 310 ученици.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека повторното отворање на училиштето е важен чекор во реформата и професионализацијата на полицијата. Тој посочи дека последниот упис во средно полициско училиште во Македонија бил пред околу 30 години, а новата генерација по две години треба да се стекне со професија полициски службеник.

Првично било планирано да бидат примени 200 ученици, но поради големиот интерес капацитетот бил зголемен за 50 проценти. На конкурсот се пријавиле 510 кандидати, а по проверката на условите биле примени 310.

Тошковски изрази загриженост поради слабиот интерес кај кандидатите од помалите етнички заедници. Од вкупно 510 пријавени, 43 биле од помалите заедници, од кои 31 Албанци. Според информациите со кои располага министерот, од нив биле примени 11.

Тој нагласи дека проблемот не бил во приемот, туку во малиот број пријавени и најави дека во иднина ќе се работи на поголема мотивација на младите од сите етнички заедници да се запишуваат во училиштето.

Како главни причини поради кои дел од кандидатите не ги исполниле условите, Тошковски ги посочи поведението и критериумот за висина. Тој демантираше дека непознавањето на македонскиот јазик било причина за одбивање кандидати.

За следните уписни рокови ќе се разгледа и можноста за прилагодување на дел од формалните критериуми.

„Пред сè, ни требаат чесни, професионални, посветени и едуцирани луѓе кои си ја сакаат државата“, рече Тошковски, додавајќи дека Средното полициско училиште треба да биде основа за создавање професионален полициски кадар.

Според него, целта е земјата да добие подобро образована и подготвена полиција која ќе може да одговори на современите безбедносни предизвици.

Exit mobile version