Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека демографијата е главната причина за намалувањето на бројот на деца во земјава, но смета дека дел од проблемот е и во вредностите кои во изминатите години биле пренесувани преку образовниот систем.

„Може да не е само демографијата, но 90 проценти од проблемот е тој“, рече Мицкоски, додавајќи дека останатите 10 проценти ги поврзува со, како што ги нарече, погрешните вредности во курикулумот во периодот од 2017 до 2024 година.

Според него, во образованието биле девалвирани претходно стекнатите вредности, а преку наставните програми биле внесувани содржини кои не се однесувале само на историските и географските предмети, туку и на семејните вредности.

Мицкоски тврди дека ваквите процеси систематски влијаеле врз општеството и посочи дека од година во година во земјава се раѓале по 700, 800 или 1.000 деца помалку.

Тој рече дека за ова предупредувал и пред две години, кога бил критикуван и исмејуван поради своите ставови, и нагласи дека проблемот не е карактеристичен само за една етничка заедница, туку ги засега сите.

„Предизвикот на оваа Влада е да ја стабилизираме бројката, па да почнеме да растеме“, рече Мицкоски, додавајќи дека падот на наталитетот не е тренд само во Македонија, туку и во Европа.

Exit mobile version