Тошковски фокусиран на системот за следење на сообраќајот преку камери

Се работи на техничко решение, но ни е потребно и законско, за да се воспостави функционален систем за следење на сообраќајот преку камери, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тој нагласи дека целта е што поскоро да се активираат камерите за идентификација и казнување на сообраќајните прекршоци, со цел да се намалат жртвите во сообраќајот и да се подобри сообраќајната култура.

Поставувањето на камерите треба да биде во служба и на криминалистичката работа на Министерството за внатрешни работи.

„Се фокусираме на обезбедување на техничко решение, а во моментов работиме и на законски аспекти кои ќе ни овозможат функционален систем. При започнувањето на проектот не беше разгледувано како ќе функционира целиот систем, колку казни ќе се изрекуваат дневно, како ќе се обработуваат тие прекршоци, и кој ќе ја води постапката. Потребно е да се разгледа зголемување на бројот на вработени кои се занимаваат со изрекување прекршоци. Судиите моментално се оптоварени, еден судија во Скопје работи на повеќе од 2000 предмети дневно. Целта ни е да видиме конкретни резултати во намалувањето на жртвите и подобрувањето на сообраќајната култура“, изјави Тошковски за време на посетата на Јегуновце.

 

Тој појасни дека камерите ќе утврдуваат прекршоци во три области: погрешно паркирање, преминување на црвено светло и недозволена брзина.

„Ако сакаме да избегнеме стотици жртви годишно, мораме значително да ја подигнеме сообраќајната култура“, истакна Тошковски.

 

На новинарско прашање за тоа колку граѓани сè уште не ги обновиле личните документи, тој потврди дека бројот е мал и дека проблемот е решен пред еден месец.

„Останат е мал број документи. Не можам точно да кажам колку. Не е точно дека треба да се реиздадат еден милион возачки дозволи; веројатно станува збор за околу 200,000. Имаме капацитет да го направиме тоа. Дезинформациите што се шират од некои луѓе кои не ја сакаат државата, не можат да не дефокусираат. МВР ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните“, изјави Тошковски.

20.09.2024 - 20:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега