Безбедноста е основата врз која се гради економскиот развој, довербата во институциите и квалитетот на живот на граѓаните. Министерството за внатрешни работи е целосно посветено на процесите на дигитализација, модернизација и транспарентност, со цел да создадеме безбедносна средина што ќе одговара на потребите на 21. век. 

Ова го истакна денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на отворањето на јубилејното, десетто издание на Adria security summit, кое вторпат, се одржува во нашата земја, во Скопје.

Тој додаде дека овој самит претставува најзначајна регионална платформа што ги обединува сите кои се посветени на создавање посигурни и поотпорни заедници, претставници на институции, експерти, компании, иноватори и професионалци од областа на безбедноста и технологијата.

Притоа, нагласи дека живееме во време кога безбедноста не се мери само со физичка заштита, туку и со способноста да одговориме на новите форми на ризици, од сајбер напади и дигитални закани, до критична инфраструктура, урбана безбедност и управување со податоци.

Токму затоа, рече министерот, ваквите настани се клучни, тие создаваат мост меѓу јавниот и приватниот сектор, меѓу државните институции и индустријата, каде преку размена на знаења и искуства можеме заеднички да градиме поефикасен и современ безбедносен систем.

Министерството за внатрешни работи континуирано ја негува соработката со Комората за приватно обезбедување, која е еден од клучните партнери во заштитата на јавниот ред и мир и во поддршката на интегриран безбедносен систем и е партнер во организацијата на овој важен настан, подвлече Тошковски.

Приватното обезбедување, рече тој,  денес не е само дополнување на полициските ресурси, туку значаен сегмент од вкупната безбедносна архитектура на државата. 

Тошковски додаде дека заедно со Комората, се работи на подигање на стандардите, на унапредување на професионалните обуки и на воведување нови технологии што ја зголемуваат ефикасноста и довербата во овој сектор.

-Во таа насока, ја поздравувам и платформата Adria smart city, што се одржува паралелно со самитот, како одличен пример на тоа како безбедноста и технологијата се преплетуваат во создавањето на поефикасни, одржливи и безбедни урбани заедници. На крај, дозволете ми да изразам искрена благодарност до организаторите на самитот, до сите изложувачи, говорници и учесници што со своето присуство придонесуваат за промоција на нови решенија, идеи и партнерства. Убеден сум дека Adria security summit 2025 ќе биде место каде ќе се раѓаат нови соработки, ќе се споделуваат добри практики и ќе се дефинираат насоките на идната регионална безбедносна политика, истакна министерот Панче Тошковски. 

Exit mobile version