Тошковски: Акредитацијата е чекор напред кон професионална полиција, Центарот за обука на МВР се модернизира
Денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и американскиот амбасадор, Ангела Агелер се одржа свечено предавање на акредитација на Центарот за обука. Акредитацијата од страна на Меѓународната асоцијација на Директори на Полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ) на министерот Тошковски свечено му ја предаде амбасадорката Агелер.
Министерот Тошковски истакна дека со оваа акредитација правиме уште еден голем чекор напред во етаблирањето на Центарот за обука како врвен, кредибилен и професионално оспособен центар за обука, кој му е неопходен на министерството во своето успешно функционирање, за сите негови полициски служби и организациски единици.
„Целосно сме свесни дека стручната и професионална едукација и надоградбата се основните столбови на квалитетното функционирање на една институција и оттаму со доаѓање на ова раководство на министерството, развојот на Центарот во сите сегменти го поставивме како врвен приоритет. Врвното образование и надоградување, обуките и професионалноста во пристапот очекуваме да ги привлекува најдобрите кандидати кои ќе ја продолжат својата кариера во полицијата и министерството и ќе даваат својот дел во создавање на успешно, модерно и функционално општество и држава преку борба и спречување на сите видови криминал и корупција кои директно ја спречуваат благосостојбата на граѓаните и општеството.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски потсети дека во тек е целосна реконструкција на Центарот за обука и негово надградување на модерен образовно стручен Центар во кој на сите полициски службеници и вработени во МВР ќе им овозможува соодветно професионално усовршување и експертиза по сите модерни стандарди на полициското работење.
„Неодамна овде во наша близина со поддршка на нашите меѓународни пријатели го отворивме Мултимедијалниот центар за хибридно учење кој преку користење на најмодерните и иновативни технологии ќе го унапредува знаењето и подготвеноста на секој еден полициски службеник кој одлучил да работи за својата татковина во одржување за редот и поредокот, заштита на Уставот и безбедноста на секој еден граѓанин. Една од нашите цели кон која се стремиме е да го направиме Центарот за обука регионален центар за обука во кој ќе се обучуваат кадри од областа на безбедноста и полициската практика и работење“, подвлече на крај министерот Тошковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа