Тлото не мирува - земјотресите денеска се афтершокови на главниот од утрово
Земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтер повторно го погоди Гостиварскиот регион, покажуваат податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар.
Тој бил на оддалеченост од 20 километри југозападно од Гостивар, од четврта категорија според тоа колку бил почувствуван и на длабочина од 10 километри.
Претходно денеска беа регистрирани два земјотреса со јачина од 3,8 и 3,6 степени според Рихтеровата скала во временски интервал од еден и пол час.
Првиот беше напладне во 11:59 часот со јачина од 3,8 според Рихтеровата скала со епицентар, како што стои во информацијата, на 38 односно 36 километри југозападно од Тетово.
Вториот, пак, беше во 13:26 часот по локално време со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала, но иако според јачината беше послаб од првиот, тој бил повеќе почувствуван и е во категоријата 5.
Овие два потреси следуваат по првиот земјотрес, кој беше почувствуван на цела територија на нашата држава, со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала со епицентар во селото Леуново, во Мавровскиот Регион, на 15 километри од Гостивар.
Земјотресот најмногу се почувствува во Гостивар и другите градови во западниот дел од државава. Досега не се регистрирани штети.
Во 6:23 часот беше почувствуван уште еден потрес со јачина од 3,6 степени, што се толкува како афтершок по првиот удар.
Последователните потреси од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ги објаснија како афтершокови, кои се со помала јачина од главниот потрес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа