Најмалку 15 лица го загубија животот, а 24 се повредени во тешката поморска несреќа што се случи во близина на грчкиот остров Хиос. Меѓу повредените има 11 деца, како и двајца припадници на грчката крајбрежна служба. Спасувачката акција за евентуални исчезнати лица продолжува и во текот на денешниот ден.

Според официјалните информации, од морето биле извлечени телата на 14 мигранти, додека една жена почина подоцна во болница како последица на повредите.

Инцидентот се случил за време на редовна патрола, кога бил забележан гумен глисер кој пловел без навигациски светла. И покрај светлосните и звучните сигнали, глисерот не застанал, по што дошло до судир со патролниот брод. Од силината на ударот, глисерот се превртел и потонал, а сите патници завршиле во морето.

Во болницата „Скилицио“ биле пренесени 25 спасени лица, како и двајца членови на екипажот на патролниот брод. Грчките власти соопштија дека истрагата за причините за несреќата е во тек.

Exit mobile version