Денешното рочиште во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани мина во напната атмосфера. Пред почетокот на изведувањето на доказите, одбраната на првообвинетиот, сопственикот Дејан Јованов – Деко, поднесе барање за замена на мерката притвор со куќен притвор, повикувајќи се на сериозно влошена здравствена состојба.

Ова барање наиде на бурна и негативна реакција кај присутните родители на жртвите, кои будно го следат процесот. Адвокатката на Јованов, Ивана Коцевска, пред судот апелираше за „хуманост“, тврдејќи дека притворските услови не се соодветни за неговата здравствена состојба.

„Барам судот да покаже малку човечност и хуманост. Кој било друг човек да беше обвинет во ваква здравствена состојба немаше да продолжи во притворски услови и молам одлуката да биде донесена без пристрасност и влијание од јавноста“, изјави Коцевска.

Обвинителството, иако се согласи дополнително писмено да се произнесе поради приложената документација, усно го изнесе својот став, посочувајќи дека според мислењето на затворскиот лекар, на обвинетиот може да му се пружи соодветна терапија и во услови на притвор.

Exit mobile version