По неколку месеци судење, судскиот процес против Стојанче Јовановски, обвинет за телесни повреди, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, денеска влезе во својата финална фаза. Обвинителството и одбраната ги соочија своите аргументи во завршните зборови, пред судот да ја донесе конечната пресуда.
Обвинителството, преку прецизираниот обвинителен акт, останува на ставот дека доказите се недвосмислени. Медицинските вештачења, аудио-снимките и сведочењата на семејството, според обвинителката Бојчевиќ, јасно ја оцртуваат состојбата на безизлезност во која живеела Ивана Јовановска, подложена на постојан страв и притисок. Истакнато е дека медицинското вештачење на обвинетиот не утврдило душевно заболување, туку доминанта потреба од контрола и манипулација.
Одбраната, пак, го изнесе спротивниот став, нарекувајќи ги доказите контрадикторни. Адвокатот Ангелевски потенцираше дека сведочењата се посредни и дека обвинителството не успеало да докаже дека обвинетиот ги нанел повредите, ниту пак дека постои причинско-последична врска за делот од обвинението што се однесува на наведување на самоубиство.
Самиот обвинет Стојанче Јовановски ги отфрли обвинувањата, припишувајќи ја вината на други лица и тврдејќи дека сведоците сакаат да го оцрнат.
Судењето започна кон крајот на март годинава, а во текот на постапката јавноста слушна вознемирувачки детали за животот на жртвата, вклучувајќи и снимки за кои обвинителството тврди дека се директен доказ за долготрајното малтретирање. Судот сега е пред тешка одлука – да ја одмери правдата во случај кој ја потресе целата јавност.


