Денес се очекува претежно сончево време, проследено со мала до умерена облачност. Во попладневните часови на одделни места можно е краткотрајно дестабилизирање на атмосферата, кое може да донесе пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Утринските температури ќе се движат меѓу 9 и 19 степени, додека дневните ќе достигнат од 26 до 34 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево време со повремена умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Температурата наутро ќе биде околу 15 степени, а во текот на денот ќе се искачи до 32 степени.
Според прогнозите, до крајот на работната седмица и во првите денови од викендот, претпладневните часови ќе бидат променливо облачни со сончеви интервали. Попладне повторно ќе има можност за локална нестабилност, проследена со пороен дожд, засилен ветер и грмежи, при што најголеми услови за такви појави има во вторник. Воедно, дневните температури постепено ќе бележат пораст.


