Земјоделците да продолжат со редовно наводнување на посевите, особено во период кога се очекуваат температури до 40 степени Целзиусови, препорачуваат агрометеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Тие советуваат наводнувањето да се врши исклучиво во текот на ноќта или во раните утрински часови, со цел да се избегне стрес кај растенијата и прекумерно испарување на водата.
Според експертите, високите температури ја засилуваат транспирацијата и испарувањето, поради што растенијата трошат повеќе вода отколку што можат да апсорбираат преку кореновиот систем.
„Во такви услови може да дојде до нарушување на водниот баланс, појава на воден дефицит и суша. Затоа е важно културите редовно да се наводнуваат, но само во ноќните или раните утрински часови, кога испарувањето е најмало, а ризикот од шок кај коренот е значително помал“, посочуваат агрометеоролозите.
Тие наведуваат дека најголем дел од земјоделските култури се во фаза на интензивен раст или берба. Пченицата веќе е ожнеана или жетвата е при крај, по што зрното, доколку е потребно, се досушува до 14 проценти влажност и се складира во магацини или силоси, додека сламата се балира и се чува до понатамошна употреба.
Посебно внимание, велат од УХМР, треба да се посвети на пченката, која и покрај тоа што се смета за релативно отпорна на суша, во фазата од метлење до налевање на зрното има зголемени потреби од вода. Недостатокот на влага и изложеноста на топлотен стрес во овој период можат значително да го намалат приносот.
Агрометеоролозите дополнително апелираат земјоделците редовно да ги следат посевите и навремено да реагираат при појава на болести и штетници. Истовремено, препорачуваат сите неопходни земјоделски активности на отворено да се извршуваат во раните утрински или во вечерните часови, кога температурите се пониски.


