Безживотно тело беше пронајдено вчера (30 ноември) во реката Вардар, во близина на велешкото село Уланци. По пријава од граѓани, екипи од Територијалната противпожарна единица Велес излегле на терен и со едно возило и двајца пожарникари-спасители го извлекле телото од водата. Случајот е предаден на надлежните институции.
Од Основното јавно обвинителство Велес соопштија дека е издадена наредба за обдукција, со цел утврдување на идентитетот на починатото лице и причините за смртта. Надлежната обвинителка Цветанка Богоевска истакна дека се преземени првичните истражни дејствија и дека истрагата продолжува за целосно расветлување на случајот.
Овој дел од Вардар во минатото бил место на неколку трагични настани. Во јули 2025 година, по шестдневна потрага, беше пронајдено телото на 16-годишната Теодора Б., која исчезна во реката кај Уланци. Во јануари 2018 година, во истиот предел беше пронајдено и телото на 77-годишен маж со иницијали А.Н.

