Телефонски разговор Вучиќ-Сиљановска Давкова: На Илинден заедно во манастирот Прохор Пчински

 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова попладнево оствари телефонски разговор со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.

Во разговорот беа потврдени одличните билатерални односи и беше истакната подготвеност за натамошно унапредување на македонско - српското пријателство, за конкретизирање на соработката во повеќе области и јакнење на меѓусебната поддршка во однос на европските перспективи и процесите на евроинтеграција на двете земји.

Во пресрет на државниот празник 2 Август – Илинден, а во духот на добрососедските односи и заложбите за продлабочување на пријателските врски меѓу двата народи, претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Вучиќ, изразија подготвеност заеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

 

Во разговорот, претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност до претседателот Вучиќ за укажаната помош во справување со актуелните шумски пожари во земјава и ја потенцираше неопходноста и важноста од засилена регионална соработка во справување со природните катастрофи, соопштија од нејзиниот Кабинет.

23.07.2024 - 19:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега