Утрово Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, остварил телефонски разговор со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Ферит Хоџа. Двајцата министри го потврдиле заедничкото задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, нагласувајќи ја подготвеноста за нивно натамошно унапредување.
Во разговорот станало збор за европската перспектива на двете држави, како и за заедничките активности на патот кон Европската Унија. Истакната била и важноста на проектот Коридор 8, кој претставува заеднички приоритет од значење за двете земји и придонесува за унапредување на регионалната поврзаност и развој.
Министерот Муцунски ја истакнал важноста на македонското национално малцинство во Албанија, кое претставува значаен мост на пријателство и дополнително придонесува за продлабочување на односите меѓу двете држави. Воедно, министрите разговарале и за Охридското Езеро, обврските што произлегуваат од УНЕСКО, како и за заедничката одговорност за неговата заштита и одржливо управување со регионот.
Двајцата министри размениле мислења и за актуелните прашања од регионалната соработка, при што ја нагласиле важноста од негувањето на добрососедските односи и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.


