Премиерот Христијан Мицкоски категорично ги отфрли како „неточни и небулозни“ тврдењата дека државниот трезор ќе биде затворен на 15 декември поради недостаток на средства.
Мицкоски појасни дека станува збор за исклучиво организациска мерка со која институциите се повикуваат навреме да ја доставуваат потребната документација, со цел да се прекине досегашната пракса на завршување на обврските во последен момент.
„На 15 декември не се затвора трезорот… Ова не значи дека на 20 декември ќе има клуч на врата и толку. Ќе работиме со план и со свесност дека обврските мора да се завршуваат на време. Суштината е да стекнеме навика за ред“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека рокот не е краен, но дека мора да се напушти функционирањето „во 5 до 12“, што во минатото доведувало до незавршени обврски.
Мицкоски исто така потврди дека ќе има исплата на К-15 за вработените во државните институции, со што дополнително ги демантираше шпекулациите за наводни финансиски проблеми.
Во однос на обвинувањата од СДСМ, тој оцени дека тезите се неосновани и небулозни, додавајќи дека целта на Владата е воспоставување финансиска дисциплина, а не создавање паника кај граѓаните.

