Франција, Германија и Велика Британија веројатно ќе ги вратат меѓународните санкции врз Иран до крајот на месецот откако Техеран ја отфрли последната рунда разговори насочени кон нивно спречување, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Кон крајот на август, Франција, Германија и Велика Британија, познати како Е3, започнаа 30-дневен процес за повторно воведување санкции на ОН врз Иран. Париз, Берлин и Лондон поставија услови што Техеран мораше да ги исполни до септември за да го избегне механизмот.
Предлогот на Е3 за одложување на повторното воведување санкции до шест месеци беше условен од тоа Иран да го врати пристапот до своите залихи збогатен ураниум за инспекторите на ОН. Исто така, од Иран се бараше да започне разговори со САД за неговата нуклеарна програма.
Во интервју за израелскиот Канал 12, Макрон нагласи дека санкциите ќе бидат вратени бидејќи најновите информации од Иран „не можат да се сметаат за сериозни“.
Шефовите на дипломатиите на трите европски земји вчера имаа телефонски разговор со нивниот ирански колега, за време на кој двете страни потврдија дека нема значаен напредок, иако сè уште постои можност за обид за постигнување договор.
Советот за безбедност на ОН утре ќе стави на гласање резолуција со која ќе се укинат санкциите врз Иран. Дипломатите предвидуваат дека таа веројатно нема да ги обезбеди потребните девет гласа за усвојување, а дури и ако го стори тоа, ќе биде блокирана со вето од САД, Велика Британија или Франција. Отфрлањето на резолуцијата, поддржана од Русија и Кина, би довело до повторно воведување на санкциите