Таткото на Вања: Од почеток почувствував дека полицијата се сомнева во мене
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска во Основниот Кривичен суд Скопје со сведочење на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и на Ана Стојкова Димитриевска на денешното рочиште го решетаа таткото на Вања со прашања.
Тој раскажа за себе како дете: - „До петто одделение учев со Радмила Шеќеринска со која бевме првенци на генерација. Сакаа да ни ги сецираат мозоците со Радмила да видат што имаме во главите, во мозоците. Потоа во тинејџерските денови попуштив со учењето. Ме запиша татко ми во средно економско училиште, за полесно да ме вработел”, одговараше Александар.
Раскажа што се случувало откако се нашол со Зорица која му јавила дека Вања ја нема.
- Откако ја завршивме потрагата по болниците, најблиските премини се Блаце и излезот од Скопје кај Ѓорче Петров. Јас се јавив кај пријатели кои ми потврдија, дека детално ќе се прегледуваат сите возила на граничните премини, од тие причини, веднаш штом го поминав мостот кај Александар Палас и наидов на гужва во сообраќајот, решив да свртам полукружно и да се упатам кон Ѓорче Петров и ако може да ве замолам, вие ги имате сите инструменти како обвинител, денес можете да дадете наредба до камерите од безбеден град како што разбрав тука од ваш сведок, со самото внесување на регистарската табличка ќе ги донесе објективно и интегрално целото мое движење една недела пред и после настанот, а не парцијално да извадите снимка тука како се движат јас преку мостот Александар Палас, зошто не ја продолживте снимката уште 10 секунди каде се гледа како веднаш се враќам назад, вели тој.
Александар истакна и дека побарал декетор на лаги, но му рекле дека во таа фаза не е дозволено употреба на таков уред, кој што децидно ќе докаже дали ја говори вистината.
Се надевал дека Вања ќе ја најде по пат, дека ако некој ја грабнал ќе ја пушти.
- Се прашувавме сите,зошто? Но моментите на нејзиното исклучување на телефон, нагло скршнување од рутата до училиште, наведуваа на тоа. Дека не е по своја воља отидена во погрешен правец, тоа со Зорица го констатиравме уште во 07 часот и 47 минути сабајлето. И после тоа Зорица им рече на колешките на работа да објават по социјални мрежи дека е исчезната Вања.
На изминатото рочиште, Ѓорчевски рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања и велешанецот Панче Жежовски.
По Ѓорчевски треба да биде сослушан и обвинетиот Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа