Таткото на починатата Јана за последните моменти: Сакаа и втора инфузија да и дадат, но кај ќе удреа со иглата крв избиваше

Стојче Христовски, таткото на починатото петгодишно девојче од битолско Кравари кое вчера почина во Клиничката болница во Битола откако прими инфузија, за „Макфакс“ во детали ги опиша последните моменти со ќерката. Иако премален од тага тој вели дека зборува за да нема други случаи како нивниот. Тој и сопругата се убедени дека за нивната Јана пресудна била инфузијата со гликоза што и ја ставиле откако ја донеле во болницата и покрај тоа што крвната слика покажала дека шеќерот и е деветка.

„Во болницата завршија работа за два саати, толку беше. Сега од почеток е ви кажам. Ние сакавме да ја носиме на матичен лекар, нејзината докторка, арно ама таа беше попладне,  после два саатот. На телефон ни се јави и рече да ја однесеме Јана в болница, на детско да не се мачи да чека до попладне. Два дена пред тоа, фактички пред три, не знам точно се тушираше со братот, се капеа и малку и пристуде. Другиот ден ни поткрена температура ама ништо 37 со 7-8. И дадовме сирупче, спадна температурата. Вечерта си спиеше, немаше никаков проблем, ни температура ни ништо. Следниот ден после ручек и се појави оток кај очињата, горе и се жалеше од ноџињата. Велеше – ме болат ноџињата, мускулите“, вели таткото Христовски.

Проблеми со оток на очните капаци таткото вели дека Јана имала и околу Нова година. Фатила грип, и отекле очните капаци. Лекарката им објаснила дека од грипот во очите и се собира слуз и затоа капаците и се отечени. Им дала капки и за еден ден отокот се повлекол.

Сличен оток, но помал имала и вчера, кога ја однеле на лекар. Христовски вели дека Јана на нога го дочекала да дојде од работа за да ја однесе во болница и сама си влегла во автомобилот.

„И беше мака ама не беше истоштена за да не може да оди. Стигнавме во болница. За да не се мачи ја кренав в раце до детскиот оддел. Почекавме тука во ходникот. Муабети си правевме. Влеговме внатре. Не натераа крвна слика да направиме. Појдовме за крвна слика, не можеа крв да и земат оти тој ден сабајлето повратила шлајм и наводно од што повратила била дехидрирана, не може крв да и земат. Дадовме и мокрача. Измерија шеќер деветка. Таа кај што и земаа крв ни кажа дека шеќерот и е деветка и го врати девојчето во амбуланта и кажа на докторката дека шеќерот и е деветка. И телефонски што контактираа со некого, го известија дека шеќерот и е деветка“, вели таткото Христовски.

Со Јана во собата кај што и давале инфузија влегла само мајката оти било дозволено само еден родител да влезе. Христовски останал во ходникот.

„И ставија инфузија, а резултатите ни рекоа после 12. Тие на детско пак и извадија уште две епрувети крв и ме пуштија и тие да ги однесам во лабораторија. За таа крв резултатите рекоа дека ќе бидат готови после еден, еден и пол. Дури таа што беше на шалтер рече – пауза е сега, гледаш колку е саатот, ама арно се погоди колегата нејзин и рече – ама за петгодишно девојче се работи, зема човекот ја внесе крвта ама ако се сомневаат во нешто требаше побрзо да бидат резултатите. Резултатите не ги видоа, почнаа со инфузии и рекоа дека шеќерот бил покачен од што повратила“, вели таткото.

Неговата сопруга на шишето од инфузијата прочитала дека се работи за гликоза, 500 милилитри и дека со живот гарантира дека и дале шеќер на ќерката иако измериле девет единици.

„Откако истече инфузијата ситуацијата почна да се влошува. Го мерат пак шеќерот, тој 19 и се обидуваат втора инфузија да стават. Арно ама не можат вена да му најдат на чупето. Кај што ќе мавнеле со иглата избивала крв. Од тогаш се комплицираат работите. Ја пренесоа во друга сала, тука од карши кај што има кислород и такви работи. Ми се јави по телефон сопругата и ми вели – влегувај, лоша е ситуацијата, се искомплицира, исплашена. Влегов, седеше внатре на едно столче, јас стоев се се гледаше преку стаклата. Викнаа од ансетезиолозите, и ставија нешто и се покрена малку. Ја прашаа како се вика, рече Јана, се се слушаше и ја гледавме. Имаше наредено штипчиња за срцето да го следат, за пулсот, кислород, Се поврати чупето, си заминаа анестезилозите што беа, по пет до десет минути чупето пак почна да се губи. Тука веќе настана хаос. Ѕвонеа пак по телефони да дојдат анестезиолозите, една чистачка што беше тука ја пуштаа некаде, кажуваа оди земи ова, таа оди се враќа вели нема клуч, не знам каде е клучот. Веќе тука беше крајно. Јас гледав преку стаклото. Пробаа со електрошокови, со масажи на градите за да ја вратат, но ништо. Многумина беа тука собрани, не можев убаво да гледам, Можеби имаше пет-шестмина доктори, медицински персонал. Тука веќе ми беше јасно, ја ставија на еден кревет за да не ја носат на интензивна горе, тоа е на вториот кат, ама веќе се гледаше дека чупето нема знаци на живот. Ја масираа по градите ама тоа беше само колку да не ни кажат тука“, со грутка во грлото се кажува таткото.

Откако ја качиле Јана на интензивна нега, околу 12 часот иако веќе не покажувала знаци на живот, лекарите и сестрите престанале да контактираат со нив и цели речиси три часа не можеле да дознаат што се случува со нивната ќерка. Шетале во ходникот и прашувале како е Јана секого што ќе го сретнеле.

„Излегуваат од тие салите сестри некои, ги прашувам – извенете, чупето што е внатре живо ли е, умрено, какво е, три саати веќе се направи ние тука не знаеме. Немав веќе ни надеж бидејќи видов, како се одвива ситуацијата и знаев дека одолговлекуваат само колку да не спремат малце, да не дојде набрзина. Излези друга, прашај вели работевме, не можев да видам. Прашај ја другата таа – не бевме ние во таа сала, никој ништо да ни каже. Два и пол до три саати не знаеме што се случува. Никој ни да излезе да каже, ние се вртевме тука во тој ходникот, си ги чукавме главите во ѕидот. Никој ништо“, вели Христовски.

Јана немала никакво претходно заболување, ниту пак била алергична на нешто. Била физички активна, играла фудбал, правела шпаги, сакала атлетика. Родителите се разочарани од изјавите на лекарите кои кажуваат дека три дена родителите ја лекувале Јана сами, дома и нагласуваат дека тоа не е точно како што не е точно ниту тоа дека имала дијареја.

Христовски е разочаран и од начино тна кој лекарите се обиделе да ги утешат кога им соопштиле дека Јана починала.

„Никому да не даде Господ, вакви работи да нема. Кога не тешеа таму, кога рекоа направивме се што можевме, не тешат и ни велат пред пет – шест дена истиот случај го имаше двегодишно дете. И тоа утеха било дека двегодишно детенце починало од ситиот проблем!? Пишаа во извештајот слабо срце, но од тоа нема ништо. Чупето беше здраво, немаше проблеми“, низ солзи вели таткото Христовски.

Директорот на болницата Александар Обедниковски за „Макфакс“ изјави дека девојчето било во болницата од 10 часот утрото до 14 часот кога починала, а за тој период била само рехидрирана оти родителите ја донеле дехидрирана, со покачена телесна температура и со оток на очите. Директорот Обедниковски рече дека телото на девојчето е дадено на обдукција, а за случајот е известен јавен обвинител.

23.03.2023 - 22:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега