Талески за првпат се огласи по добиениот пендрак во главата: Размислувам да поднесам тужба против полицаецот
Без никаква причина бев удрен со пендрак по главата од полициски службеник во моментот кога се обидував да спречам турканица помеѓу неколку ракометари.
Очигледно беше дека полицаецот тргна со намера да удира, ако не бев јас тогаш сигурно пендракот ќе завршеше во нечија друга глава.
Вака за Канал 5 телевизија ракометарот Филип Талески го опиша саботниот инцидент по ракометниот меч Вардар – Пелистер, појаснувајќи дека на него не му претходел никаков конфликт или вербална расправија и дека не го познава полицаецот.
Ракометарот има и медициснки извештај за повредата која му ја нанел полицаецот и вели дека за среќа нема посериозни повреди и дека ударот со кој се здобил бил во лице. По инцидентот Талески бил повикан на распит во полициска станица, а во консултација со адвокат вели дека размислува и да поднесе тужба против полицискиот службеник.
МВР веќе отвори предмет за инцидентот. Оттаму за Канал 5 посочуваат дека случајот сеуште се испитува И дека додека трае внатрешната контрола во Министерството, полицискиот службеник е суспендиран од работа.
-Како спортист мислам дека е добро што постојат такви дербија во Македонија како што е ова. Меѓутоа, некои работи некогаш излегуваат од контрола. Навистина не знам како е можно од полицаец да добијам удар со пендрек. Не го заслужив тоа! Во шок сум уште, исто како и целата ракометна јавност во Европа. Тие сцени го обиколија целиот ракометен свет. Добив голема поддршка. Исто така верувам дека надлежните органи ќе си го сторат своето во овој случај и верувам дека во иднина вакви работи нема да гледаме, изјави Талески за скандалот, па продолжи за мечот
-Најважно е што Вардар победи и оваа сезона освои барем еден трофеј. Покажавме дека имаме карактер и дека поседуваме шампионски дух. Ова, сепак, е клуб кој двапати беше шампион на Европа. Имавме една тешка и долга сезона, без долг ростер и тоа е наш главен проблем. До крајот има уште две кола. Ако Пелистер ја освои титулата, а вистина дека е поблизу до нас од неа, мораме да му честитаме, заврши македонскиот ракометар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа