Над еден милион луѓе се евакуирани од своите домови во источна Кина по налетот на тајфунот Долфин, кој го зафати и подрачјето на Шангај. Силната бура предизвика колапс во сообраќајот, а само на шангајските аеродроми се откажани околу 1.400 летови.

Според Кинеската метеоролошка агенција, невремето прво ја погоди општината Јухуан во покраината Џеџијанг, носејќи ветрови со брзина од околу 150 километри на час, а за помалку од еден час повторно стигна до копното во близина на градот Венжоу.

Поради опасноста од тајфунот, властите претходно прогласија највисок, црвен степен на предупредување. Иако до понеделник наутро Долфин ослабе до ниво на тропска бура, тој продолжи да се движи кон внатрешноста на земјата.

Метеоролозите предупредуваат дека опасноста од обилни врнежи, сериозни поплави и свлечишта останува висока сè до среда. Неповолните временски услови се очекува да ги зафатат провинциите Шандонг, Хенан, Хубеи, Анхуи, Џангсу и Џеџијанг, како и градот Шангај.

Населението е повикано да не престојува на отворено, а од безбедносни причини се затворени голем број туристички атракции, меѓу кои и делови од Дизниленд, Леголенд и повеќе локации за набљудување долж брегот во Шангај.

Снимките од кинеските државни медиуми покажуваат поплавени деловни објекти на приземните катови во популарната шангајска област Француска концесија, каде што луѓето се движат низ вода длабока до глуждовите.

Државните медиуми пријавија и трагичен инцидент во Венлинг, во покраината Џеџијанг, каде што деветгодишно момче се води за исчезнато откако било однесено од големите морски бранови.

Exit mobile version