Сопружниците осомничени за убиството на докторот Ацо Трпковски, кое се случи во март 2024 година во скопската населба Автокоманда, добија 30-дневен притвор.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека мерката е определена поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека по спроведена истрага и обезбедени докази во соработка со Министерството за внатрешни работи е расветлено убиството на лекарот.
Според обвинителството, 65-годишниот маж е осомничен дека го извршил кривичното дело „убиство“, додека неговата 59-годишна сопруга се товари за помагање при извршувањето на делото.
Од истрагата произлегува дека жената претходно договорила средба со докторот на паркинг во Автокоманда. По нејзиното влегување во возилото, пристигнал нејзиниот сопруг, кој според сомнежите на обвинителството го нападнал докторот со нож, нанесувајќи му смртоносни повреди.
По настанот, осомничените, според обвинителството, го префрлиле телото во возилото и го оставиле кај Поликлиниката Железара, а потоа се обиделе да отстранат траги.
Обвинителката Елена Жакула изјави дека обвинителството располага со цврсти докази против сопружниците, додека мотивот за делото допрва ќе се утврдува.


