Во рамките на јубилејот на Римокатоличката црква, кој се одржува на секои 25 години, папата Лав Четиринаесетти оваа сабота ќе пречека десетици актери и режисери на специјален собир под назив „Светот на филмот“ во својата официјална резиденција, соопшти Ватикан.

Меѓу очекуваните гости се холивудски ѕвезди како Кејт Бланшет, Адам Скот, Крис Пајн, Виго Мортенсен, Елисон Бри и Дејв Франко, како и режисери Џад Апатоу, Спајк Ли, Џорџ Милер и Гас Ван Сент, пренесува Њујорк Тајмс.

Весникот „Варајати“ објави видео во кое папата Лав XIV ги сподели своите четири омилени филмови на сите времиња:

  • „Прекрасен живот“ (1946) на Френк Капра, со Џими Стјуарт
  • „Моите песни, моите соништа“ (1965) на Роберт Вајз, со Џули Ендрјус
  • „Обични луѓе“ (1980) на Роберт Редфорд, со Доналд Сатерленд и Мери Тајлер Мур
  • „Животот е убав“ (1997) на Роберто Бенини

– „Во оваа година на јубилејот, папата Лав XIV изрази желба да го продлабочи дијалогот со светот на филмот, а особено со актерите и режисерите, истражувајќи ги можностите кои уметничката креативност ги нуди за мисијата на црквата и промоцијата на човечките вредности“, се наведува во соопштението на Ватикан.

Јубилејот на Римокатоличката црква, кој е традиција на покајание и прошка, почна во декември минатата година и ќе трае до почетокот на јануари 2026 година. Овој посебен настан е организиран од Одделот за култура и образование на Ватикан, заедно со Одделот за комуникации и Ватиканските музеи.

Папата Лав XIV минатата недела се сретна со актерот Роберт Де Ниро, а во јуни го посети и Ал Пачино. Неговиот претходник, папата Франциск, кој почина во април 2024 година, беше домаќин на комичари од целиот свет, меѓу кои Конан О’Брајен, Вупи Голдберг, Тиг Нотаро, Стивен Колбер, Крис Рок и Џими Фалон.

Exit mobile version