Свештена бигорска Обител: Велигден не е време за профит, туку за милосрдие

 

Свештената бигорска Обител и годинава се придружува на апелите на властите и на поединечни организации за поевтинување на основните прехранбени производи во пресрет на најголемиот христијански празник – Воскресението Христово. 

-Веруваме дека празничната радост треба да биде достапна за сите, вклучително и за оние кои се во потешка материјална положба. Меѓутоа, со особена болка и разочараност го забележуваме повторното покачување на цените од страна на дел од трговците кај нас, токму во деновите кога сè повикува на милосрдие, љубов и човечност, наведуваат од Обителта.

Додаваат дека овој чин, во најмала рака, претставува навреда за многу семејства, кои, иако живеат во сиромаштија, имаат човечко достоинство и посакуваат да го прослават празникот над Празниците барем со малку радост, со празнична трпеза и со семејно заедништво.

- Не е потребно човек да биде верник, за да покаже солидарност со своите сограѓани – доволно е да биде човек. За жал, кај дел од трговците, како што гледаме, човечноста отстапува пред алчноста, а љубовта кон ближниот се заменува со среброљубие. Притоа, најмногу се тангирани токму оние производи што традиционално се купуваат за Велигден – јајцата и јагнешкото месо. Овој чин не само што е крајно неетички, туку претставува и непочит кон својот сограѓанин. Секој што е трговец е истовремено и нечиј брат, сосед, пријател, нагласуваат понатаму.

Прашуваат зошто тогаш, во најсветлите денови на нашата вера, да се заработува од туѓата немаштија.

-За жал оваа појава што се забележува е вистински срам за Македонија и крајна дрскост, бидејќи единствено кај нас се случува вакво нешто пред најголемиот празник цените да растат, додека во другите земји од регионот се случува токму спротивното – таму се поттикнуваат кампањи за намалување на цените, за да може секој граѓанин достоинствено да празнува и да се израдува. Следствено, прашуваме со сериозност и одговорност: дали е етички да се збогатува некој врз туѓата сиромаштија, дали е морално, кога Христос доброволно ја принесува Својата љубов за светот, некој да смета колку повеќе може да заработи од оние кои сакаат со своите ближни да ја споделат празничната трпеза на радоста, посочуваат од бигорската Обител.

Ваквата трговска бездушност, според Обителта, придонесува не само кон социјална неправда, туку и привлекува големи несреќи и води до нарушувања во општествениот морален поредок. 

-Сите добро знаеме дека вистинскиот напредок на едно општество не се мери само во бројки и профити, туку во мерката на човечноста, на солидарноста и на почитта кон празничната и духовната реалност на народот. Затоа, од срце апелираме: да не се поскапуваат продуктите пред големите празници, особено пред Велигден, да се покаже милосрдие, социјална одговорност и основна човечка обѕирност. Нека тоа биде најубавиот дар што трговците можат да го принесат во чест на Воскресението – дар на човечност, љубов и разум. Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!“ (Филип. 2,4). Со молитви за милостиво срце и достоинствена, радосна Пасха Господова, стои во апелот на Свештената бигорска Обител.

18.04.2025 - 10:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега