Пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани не бил првиот инцидент поврзан со употреба на пиротехника на настапите на музичката група ДНК. Ова пред судот го откри Горан Игновски, сопственик на продавница за пиротехника, кој сведочеше за техничките аспекти на средствата користени во кобната ноќ.
Според неговото сведочење, пред кочанската трагедија, на настап на ДНК во ресторан во Гевгелија се запалиле платно и звучници.
„За овој инцидент ми раскажа колегата од Гевгелија, Јани Мурџиев, кој работи со озвучување. Не знам точно кога се случило тоа“, изјави Игновски пред судијата.
Фокусирајќи се на пожарот во Кочани, сведокот посочи дека откако ги прегледал видеоснимките од настанот, заклучил дека биле употребени несоодветни прскалки со домет поголем од три метри.
„Да користеа прскалки со домет од метар или два, немаше да настане пожар. Такви со домет од три метри се продаваат на Бит-пазар и се исклучиво за надворешна употреба“, категоричен беше Игновски, додавајќи дека продал вкупно околу 15 такви кутии во минатото, од кои една по пожарот предал во полиција како доказ.
Сведокот пред судот детално ја објасни и разликата помеѓу т.н. „топли“ и „ладни“ прскалки, што е клучен момент за безбедноста. Топлата прскалка, која гори околу 30 секунди, чини 500 денари. Од друга страна, ладните прскалки чинат околу 100 денари за истото времетраење, но бараат специјален уред кој чини 30.000 денари и неопходна инсталација со струја и кабли.

