Сведоците на Мерко тврдат: Аудито од 66.000 евра е набавено законски

 

Со сослушување сведоци кои беа обезбедени со полициска асистенција, продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општина Струга, по што треба да следи одвоено рочиште за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. 

Ерканда Балута, сведок на одбраната вработена во Општината и внука на градоначалникот Мерко, инаку членка на Комисијата за набавки, вели дека во целост била испочитувана процедурата за набавка, и биле набавени три Шкоди и Ауди.Пред судијата таа рече дека имало спецификација, но и возилата од претходниот возен парк биле „ауди“ и „мерцедес“ со висока вредност.

Алија Ајдиновски, сведок на одбраната и вработен во Општина Струга, како претседател на Комисијата за јавни набавки рече дека постапката била водена согласно Планот и законот за јавни набавки.

- „Општината носи Годишен план за јавни набавки и во него беше планирана набавка на возила. Имавме 2 понуди и ја одбравме најповолната. Имавме и ревизија во 2019 година, а немаше ниту една забелешка бидејќи постапката беше водена согласно законот“, кажа Ајдиновски.

Лилјана Стојанова од Скопје, поранешна вработена во Државен завод за ревизија (ДЗР), а сега пензионерка, која вршела ревизија, запраша по кој основ е предложена за сведок.

- „Ревизија се прави по методологија по меѓународни стандарди. Во услови на блокирана сметка, претседателот на суд дава одобрение за функционирање на Општина и одобрен месечен лимит. Од 50 милиони месечно, а за 12 месеци лимитот бил поголем од вкупниот буџет на Општината во тоа време“, кажа Стојанова.

Расправата за набавката на луксузниот автомобил, поради промената на судечкиот судија почна од почеток со изведување докази и сослушување сведоци. Иако одбраната достави приговор за застареност на делото, тоа беше одбиено од страна на претходниот судечки судија, а истото го прифати и новиот судија Јордан Јованов. Според него, решението останува во сила, бидејќи има прекин на застареност. На претходното рочиште забележа и дека листата на сведоци е обемна и оти дополнително ќе одлучува дали ќе ја прифати во целост, нагласувајќи дека нема да толерира непојавување на сведоците без оправдани причини.

Според него, засега не постои можност за застарување на делото, односно апсолутна застареност би имало во 2028 година. Судскиот процес почна во април минатата година, а Мерко се товари за злоупотреба на службена положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил „Ауди А6“, со што го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка. Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.

По завршувањето на ова рочиште во судот во Струга со сослушување сведоци треба да продолжи и судскот процес за поставеното спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. Како градоначалник на Општина Струга, Мерко во март минатата година, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено девет обвиненија за несовесно работење во службата. 

 

09.04.2025 - 11:26

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега