Ана Костадовска, придружен вокал и соработник на музичката група ДНК, денеска сведочеше за хоророт во дискотеката Пулс во Кочани, на 16 март 2025 година.

На судењето кое го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители, Костадиновска кажа дека таа не била постојан член на бендот, туку била ангажирана по потреба, зависно од настапите, додавајќи дека заедно со неа настапувала и Сара Пројковска.

За техничката поддршка бил задолжен Мартин Атанасов, додавајќи дека лично никогаш не видела кој ги поставувал прскалките на сцената, иако тие со години се користеле без да предизвикаат проблеми.

-„Стоеја до нас, прскаа и во опремата, но никогаш претходно немало инцидент“, изјави Костадовска во Судот.

Кобниот ден, таа во диското пристигнала со Андреј од ДНК и Сара, додека Панчо пристигнал подоцна, а се спремале во импровизирана просторија одвоена од дискотеката, каде имало и импровизиран тоалет. Настапиле во 1 часот и 30минути по полноќ, било преполно па се пробивале низ толпата за да стигнат до сцената. Според нејзиното сведочење, прскалките секогаш се активирале на истата песна.

„Почувствував топлина и кога погледнав нагоре – гореше“, вели таа и додава дека се симлана од бината, ги повикала и останатите да излезат, но вратата до нив била заклучена со катанец. Потоа се упатиле кон шанкот во обид да најдат друг излез кога почнале да се слушаат пукања на пластика и настанало стампедо.

Таа и Сара стигнале до делот кај тоалетите, но во метежот биле оттурнати и разделени. Костадовска паднала непосредно пред излезот, затрупана од луѓе.

-„Имаше страшен мирис што те тераше да заспиеш. Се трудев да останам свесна. Еден дечко до мене не држеше будни сите. Ногата ми беше приклештена, имаше луѓе над мене. Сцената беше како хорор“, рече таа.

Вели дека не се сеќава кој ја спасил, непознато момче и ја одглавило ногата и таа излегла од Пулс.

Инаку, адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот Дејан Јованов, побара негово префрлување во затворот во Идризово, поради тврдења дека персоналот во затворот во Куманово се однесува „нечовечки и понижувачки“ кон него.  Таа исто така истакна дека судницата е блиску до затворот, а Јованов има здравствени проблеми и потреба од лекарска интервенција.

Трагедијата се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, кога избувна пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Објектот бил преполн, со присуство на малолетници, и користел пиротехнички средства без дозвола. Диско клубот работел незаконски повеќе од една деценија, без основни технички и противпожарни услови.

За несреќата се обвинети над 30 физички и три правни лица, вклучувајќи сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Exit mobile version