На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска на платото на УКИМ ќе се одржи свечена програма по повод новата академска година, во рамките на која е најавена културно-уметничка програма, информативна сесија и пригодни активности за дружење и забава на бруцошите.

На свеченоста е предвидено присуство и обраќање на министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Од најстариот и најголем универзитет во државата потсетуваат дека со овогодишниот конкурс на 23-те факултети беа слободни вкупно 8.851 место за нови студенти. На УКИМ во моментов студираат над 26.000 студенти, од кои повеќе од 23.400 се на додипломски студии, распоредени на вкупно 242 студиски програми.

Почетокот на новата академска година започнува со ново раководство предводено од староновата ректорка Биљана Ангелова, која освои нов тригодишен мандат (2026–2029), како и со новиот тим проректори избран пред две недели.

Exit mobile version