Судскиот совет усвои нова комуникациска стратегија
Судскиот совет на денешната 490-та седница ја разгледа и едногласно усвои новата Комуникациската стратегија на Судскиот совет на Република Северна Македонија и судовите на Република Северна Македонија (2024-2028) со Акционен план.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева посочи дека со новата стратегија се исполнуваат четири од препораките нотирани во Извештајот на оценската мисија, како и дека е усогласена со Националните развојни политики и претставува подетално разработен дел од Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-28 и, истата е компатибилна со заложбите за отворено судство.
- Со усвојување на еден ваков значен документ, значи дека ќе се усвојат високи европски стандарди за комуникација на сите нивоа на судството, почнувајќи од Судскиот совет, изјави Дамева.
Комуникациската стратегија, посочи Дамева, ги нотира сите активности што во наредниот период треба да се преземат од Судскиот совет и судовите за јавноста да има пристап до навремени и разбирливи информации во врска со процесот на донесување одлуки во судството.
-Судиите мора и треба да бидат потранспарентни со медиумите, истото се однесува и на Судскиот совет, бидејќи одлуките судиите сепак ги носат во име на граѓаните и нашата работа е во име на граѓаните, а едно од основните права е правото на граѓаните да бидат информирани, изјави Дамева.
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, посочи дека комуникацијата со јавноста, граѓаните, медиумите и граѓанските организации има голема улога за заштита на интегритетот на судиите, но и во заштита на судството од надворешните влијанија, и од тие причини сите заложби за отчетност се засновани врз владеење на правото и во тоа, како што нагласи, е суштината на комуникациската стратегија – без јавност не може да има квалитет на постапување и одлучување.
- Од големо значење е што за комуникациската стратегија имаше инклузивен процес во кој што Врховниот суд даде придонес во кој делови треба да има подобрување. За примената на оваа стратегија потребно е да се има мотив и волја, бидејќи транспарентноста дава огромен и незаменлив придонес за угледот на судството и општо за целосната перцепција, нагласи Адеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа