Судот им одреди притвор на тројцата осомничени за двојното убиство на Вања и велешанецот Панче
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство за определување мерка притвор од 48 часа против трите лица кои во текот на ноќта беа спроведени во судот, осомничени за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
-Мерката краткотраен притвор, по предлог на надлежниот обвинител, може да се продолжи или замени со други мерки за обезбедување присуство. Заради сензибилноста на настанот, разбирливиот јавниот интерес, но и пред истражната постапка која е се уште во тек, како Кривичен суд апелираме за сите официјални информации поврзани со случајот, медиумите да се обратат до надлежниот Јавен обвинител, велат од судот.
Во текот на ноќта тројцата осомничени беа донесени во Кривичниот суд во различен временски период.
Првиот, Велибор Манев беше донесен прв. Прашан дали тој го сторил убиството на Вања, само кратко одговори „не“, а потоа не одговараше на прашањата.
Вториот осомничен беше донесен преку гаражата на Кривичниот суд, но медиумите можеа да го видат неговото спроведување на скалите. Сепак, на видео снимките не може јасно да се види неговиот идентитет бидејќи поради начинот на кој полициските службеници го носеа низ судските ходници.
Речиси еден час подоцна донесен беше и третиот осомничен. Тој исто така беше спроведен преку гаражите во Кривичниот суд, но овој пат на горните катови беше качен преку лифтот, па медиумите немаа можност да го снимат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа